Колку повеќе банките ги намалуваат каматите на заштедите, толку повеќе граѓаните во земјава им ги доверуваат на чување нивните пари. Податоците на Народна банка на Македонија покажуваат дека во последниов период се случува голем пад на каматните стапки на депозитите, особено на оние изразени во денари, а во исто време се забележува огромен пораст на штедните влогови во македонските банки. Па така, за период од една година каматните стапки на депозитите на ниво на целиот банкарски систем се намалиле за 0,7 процентни поени. Односно, во јануари годинава просечната камата на депозитите изнесува 3,3 отсто, откако во истиот месец мината година била 2,6 проценти. А за истиот тој период, пак, вкупните депозити во банкарскиот сектор пораснале за дури 252 милиони евра, што значи дека толку нови пари од граѓаните и од фирмите се слеале во македонските банки.
Колку повеќе банките ги намалуваат каматите на заштедите, толку повеќе граѓаните во земјава им ги доверуваат на чување нивните пари. Податоците на Народна банка на Македонија покажуваат дека во последниов период се случува голем пад на каматните стапки на депозитите, особено на оние изразени во денари, а во исто време се забележува огромен пораст на штедните влогови во македонските банки.
Па така, за период од една година каматните стапки на депозитите на ниво на целиот банкарски систем се намалиле за 0,7 процентни поени. Односно, во јануари годинава просечната камата на депозитите изнесува 3,3 отсто, откако во истиот месец мината година била 2,6 проценти. А за истиот тој период, пак, вкупните депозити во банкарскиот сектор пораснале за дури 252 милиони евра, што значи дека толку нови пари од граѓаните и од фирмите се слеале во македонските банки.
Или уште една математика. Каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула на домаќинствата во земјава, за период од една година се намалиле за дури еден процентен поен, односно од пет отсто во јануари лани, се свеле на 4 проценти во првиот месец од оваа година. Денарските депозити важат за најпривлечни за граѓаните, бидејќи кај нив каматата е многу повисока наспроти девизните влогови, што значи дека штедачите за нив добиваат многу повисоки приливи. Но, во последниве години каматите на влоговите значајно се намалуваат, а особено брзо оди падот на денарските депозити.
Односно, ако во јануари лани просечните камати на денарските депозити биле 4,8 отсто, годинава се спуштиле на 3,9 проценти, што е намалување за 0,9 процентни поени. Додека, пак, падот кај девизните кредити е за 0,6 процентни поени, но тие и онака се многу ниски и во јануари годинава се свеле на само 1,5 отсто. Но, и во време кога каматните стапки на влоговите прилично брзо одат надолу, граѓаните не престануваат да штедат. Бројките на централната банка покажуваат дека за период од една година, штедните влогови само на домаќинствата се зголемиле за над 207 милиони евра, достигнувајќи 3,1 милијарди евра во јануари годинава.
Банкарите објаснуваат дека штедењето, и наспроти падот на каматите, расте не само поради довербата што граѓаните ја имаат во македонскиот банкарски сектор, туку и поради фактот што немаат на располагање многу други опции за да ги вложуваат слободните пари. „Депозитите растат бидејќи штедачите имаат доверба во банките, но и затоа што немаат други алтернативи за своите средства. Каде на друго место тие би ги чувале или вложувале парите ако не во банките“, вели Ѓорги Јанчевски, прв човек на НЛБ Тутунска банка и претседател на Здружението за банкарство во земјава.
Паралелно со падот на каматите за штедењето, се намалуваат и каматите на кредитите, но тој процес не оди толку бргу. Па така, ако за една година каматните стапки на депозитите се „спласнале“ за 0,7 процентни поени, падот кај каматите на кредитите е 0,5 процентни поени. Односно, ако за земен кредит во јануари лани просечно се плаќала камата од 7,8 отсто, во првиот месец од годинава таа изнесувала 7,3 проценти. Притоа, во јануари годинава оние што користат денарски кредит плаќале просечна камата од 7,7 отсто, додека, пак, за девизните кредити каматата изнесувала 6,4 отсто. И овде е забележливо дека побрзо се намалуваат стапките на денарските, отколку на девизните кредити. Компаниите, пак, и натаму се жалат дека тешко добиваат банкарски кредити, што го покажаа и најновите јануарски податоци на НБМ.
Инаку, каматните стапки на кредитните картички и натаму остануваат највисоки, иако и кај нив има сосема мало намалување, за само 0,2 процентни поени за една година и тие во јануари годинава се на ниво од 10,8 отсто. Додека, пак, позначаен пад од 0,7 процентни поени има кај минусите на тековните сметки, така што во првиот месец од годинава тие дошле до ниво од 9,6 отсто.